Македонија
13. May 2025 - 16:30

Во 22 од 34 општини нема минимум зеленило според законските стандарди, покажа ревизорскиот извештај

Во 22 од 34 општини нема ниту минимум зеленило според законските стандарди, покажа новиот извештај на Државна ревизија. Преку снимање со дрон утврдиле дека централните делови на градовите немаат доволно зелени површини кои треба да го намалат загадувањето и да придонесат за чиста животна средина.

„ГУП-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, а зелените површини кои се одржуваат и ново подигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година укажува дека ниту една општина не го исполнува стандардот утврден во одредбите на член 19 од Законот за урбано зеленило“.

Ревизија забележува дека изборот на урбанистички планови што се финансираат преку владините програми од 2020 до 2024 година бил нетранспарентен – без јавен повик, без комисија и без јасни критериуми. Дополнително, парите не биле доволни за финансирање на сите предвидени проекти.

Општините не обезбедиле доволно средства за одржување на зеленилото. 80% не донеле одлука за наплата на надомест за одржување. Само дваесетина проценти наплатиле такси за користење на зелени површини и поставување рекламни паноа.  

Речиси 60% од општините не вложиле ниту денар за ново зеленило во изминатите четири години.

Според извештајот, ниту централната, ниту локалната власт нема ефикасен мониторинг и контрола. Прекршителите не се казнуваат, а изречените глоби се ниски. Тоа, според ревизорите, придонесува зеленилото да се уништува, да не се одржува и да не се заменува со ново.

„Годишните извештаи за степенот на спроведување на просторниот план на државата се изработени со нецелосни податоци за фактичката состојба, а во периодот од 2021 - 2024 година, воопшто не се изработуваат“.

Ревизорите утврдиле дека стратегии за развој на зеленило имаат само Скопје и Охрид, а зелен катастар имаат само Скопје, Охрид и Кавадарци.