Македонија
13. May 2025 - 16:33

Фрчковски осомничен за злоупотреба на државни пари, тој вели – срамен притисок врз критичарите на власта

МВР поднесе кривична пријава против екс амбасадорот Фрчковски.

Во својство на поранешен шеф на постојаната мисија на Македонија при ООН во Њујорк, Фрчковски заедно со уште три лица се осомничени за незаконско користење на државни средства.

Од проджбата на амбасада на поранешна Југославија, на сметката на мисијата во Њујорк Фрчковски задржал близу 60 илјади долари, кои биле потрошени ненаменски.

-Љ.Д.Ф. од уплатените парични средства во вкупен износ од 3.998.721,72 американски долари на сметката на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк по однос на заедничката продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк, на сметка на буџетот на РСМ уплатил парични средства во износ од 3.940.000,00 американски долари, односно преостанатите парични средства на сметката на ПМ на РСМ во Њујорк во износ од 58.721,72 американски долари од продажбата на сукцесискиот имот не ги уплатил на сметка на буџетот на РСМ, вели Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Според пријавата Фрчковски земал аванси за службени патувања без соодветно оправдување, го пречекорил дозволениот износ за мобилен телефон, а плаќал и дупли телефонски сметки, се трошеле пари за репрезентација над дозволените лимити, службени автомобили се поправале без согласност од МНР, а касата на мисијата е оставена со нерасчистено салдо.

Вкупната штета на државниот буџет е над 116 илјади долари.

Фрчкоски во својата реакција вели дека ова е срамен притисок врз критичарите на власта, а пари на сметката на мисијата биле оставени како гаранција за наплатен данок.  

-Додека купувачот на објектот не го плати данокот (тој е задолжен за тоа) средства мора да има на сметките на сите републики од бивша СФРЈ во Њујорк – за да може во ситуација на проблем данокот сепак да биде нплатен од нивните сметки. Тоа е обврска и задолжение од финасиските власти и сите републики не ги вратиле парите во своите буџети туку задржале дел на своите сметки на мисиите во Њујорк. Така направила и Македонија. Кога данокот (по една година дена) е наплатен од купувачот тие средства се ослободени за сите републики и тие ги вратиле во своите буџети. Така направила и Македонија. Со законски непознавања останува само лоша намера за притисок по секоја цена“, стои во реакцијата на Фрчкоски.

Тој пред три години беше назначен за шеф на постојаната мисија на Македонија при ООН, а оставка си поднесе лани откако МНР обелодени низа финансиски нерегуларности, меѓу кои и дека користел државни пари за приватни авионски билети.