Владата апелира да се избегнува каква било политизација на случајот
Да нема злоупотреба на трагедијата во Кочани за политички цели и да не се дозволи манипулација која ќе доведе до дестабилизација во овие тешки моменти, апелираат од Владата по бурните рекации и најави за собири по повод несреќата.
Како Влада будно ја следиме состојбата. Ја споделуваме загриженоста и разочараноста кај граѓаните на нефункционирањето на системот, но во исто време ги вложуваме сите напори тоа да го промениме. Затоа апелираме да не се шпекулира со невистини, манипулативни наративи и во ниеден случај не сакаме да се злоупотребува трагичната несреќа во Кочани. Затоа што нашата заложба се потврди со дела и акции. Има опсежна истрага во која се фатени и приведени 34 лица и таа сè уште не е завршена. Мора да дозволиме органите на прогонот да си ја завршат истрагата, темелно и правично. Не би сакале да се дозволи попречување од различни мрежи, преку повици за дестабилизација и различни сценарија и било како да наштетат на овој процес. Од ова мора сите да излеземе посилни со испорачана правда.
Студентите пак го откажаа најавениот собир за утре на платото на УКИМ откако се појави снимка на социјалните мрежи од млади луѓе кои договараат протести, за кои студентите велат дека партиски ја компромитираат нивната иницијатива.
Независниот студентски сојуз е огорчен и разочаран од политички влијанија и мешање во нашите искрени и чесни намери. Денес сведочиме за видео материјал со кој се потврдува политичката вмешаност. Огромна група на студенти е жртва на обид за манипулација и тоа не сакаме да го дозволиме. Поради тоа нашиот собир закажан за утре во 13:00 часот пред платото на УКИМ се откажува, додека целосно не ги дистанцираме обидите за политичко влијание.
Повторно апелираме партиите да стојат на страна од искрените и чесни намери на студентите за нивно организирање, соопштија од Независниот студентски сојуз.
Утре во Скопје ќе се одржи протестен марш на иницијативата Кој е следен, која соопшти дека нивната иницијатива нема никаква поврзаност со снимката на социјалните мрежи, ниту пак се вклучени во какви било разговори за формирање на нови студентски организации. Јавно ги осудија сите обиди за партизација на граѓанската иницијатива. Протестниот марш утре ќе започне во 18:59 на плоштадот Македонија.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар