Опозицијата обвинува за селективна истрага, власта вели одговорноста ќе има име и презиме
По 7 дена молк и почит кон жртвите и семејствата на повредени, опозициските партии од денеска со низа прашања поврзани со истрагата за пожарот во Кочани. Од СДСМ обвинуваат за селектива истрага и прашуваат зошто помеѓу осомничените не е актуелното раководство на полицијата во Штип и Кочани.
СДС покажа дека за нив нема ништо свето, возвраќаат од ВМРО-ДПМНЕ. Темелна истрага спроведуваат обвинители избрани токму од СДС и ДУИ, а сега за разлика од претходните трагедии, одговорноста ќе има име и презиме.
Молкот заврши и за Кочани мора да се зборува велат од ДУИ, од каде прашуваат зошто сите надлежни институции иако знаеле дека дискотеката работи незаконски, не реагирале навреме.
Од првиот момент на трагедијата, додека пожарот сè уште не беше изгаснат, додека граѓаните во шок бараа одговори и надеж, гледавме како врвот на власта – наместо да сочувствува – започна политичка хајка. Наместо со информации, излегоа со обвинувања. Наместо со смиреност, со закани. Се впери прстот кон другиот, кон минатото, кон тие што не се дел од нив.
Без да почекаат фактите, ја активираа машинеријата за префрлање вина. Се конструираше приказна според која лиценцата на дискотеката, дадена години претходно за кабаре, стануваше основа за апсење на поранешен министер – со лисици, камери и насловни страници, стои во соопштението на ДУИ.
Низа системски пропусти доведоа до трагедијата, обвинуваат и од Левица, од каде бараат одговорност на највисоко ниво.
Од почит кон загинатите во Кочани Собранието ги откажа сите активности предвидени за оваа недела. Ова било договорено на утринската координација кај спикерот Гаши. Откажан е редовниот брифинг со новинарите, а нема да се одржи ниту редовната седница за пратенички прашња.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар