Македонија
25. March 2025 - 19:58

Минималната плата ќе се зголеми согласно законот и ќе изнесува 24.400 денари

Минималната плата ќе се зголеми согласно законот, за 1.800 денари. На владина седница ќе се потврди најнискиот износ кој работодавачот е должен да го исплати и ќе изнесува  24.400 денари. Иако, во законот стои дека минималецот се утврдува  по претходно мислење на Социо економскиот совет,  истиот не е закажан, затоа што владината комисија се уште не ја утврдила репрезентативноста на Синдикатот.

-Има еден закон кој е на сила, кој синдикатот и работодавачите го потпишаа, се согласија до крајот на овој месец да се прават пресметките за исплата на минималната плата. Комисијата за утврдување на репрезентативноста треба да одбере кој синдикат е репрезентативен и одма  ќе го закажеме социо економскиот совет, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија.

Пресметките за плата се поднесуваат од 1 до  10  ти, за да можат примањата да се исплатат до 15 ти.  Бидејќи има уште 5 дена за фирмите да ги пратат пресметките до УЈП, а мартовската плата мора да биде повисока, се одбра вакво решение  Ако  подоцна се постигне договор за повисок минималец, премиерот вели дека владата ќе се го смени законот и ќе ги зголеми платите.

„Нема проблем, ние ќе го промениме законот и ќе влеземе во дополнително нивелирање“, изјави премиерот Мицкоски.

Минималецот се утврдува  во март секоја година,  во висина од 50% од просечената исплатена плата во декември и 50 отсто од порастот на трошоците за живот. Според статистичките пресметки најнсиката исплатена плата во државата треба да биде повисока за 1,800 денари. Барањето на Синдикатот беше да се зголеми за  дополнителни 6 илјади денари, односно да изнесува 500 евра, со тоа што разликата во придонеси една година да ја покрива државата.