Македонија
24. March 2025 - 19:54

Побегнал од психијатрија и пукал на вработена во Центарот за социјални грижи во Прилеп

50 годишниот А.Ј. од Прилеп денеска околу 13.50 со пиштол пукал во 36 годишната М.Ѓ. вработена како социјален работник во Центарот за социјална работа во Прилеп. При што и нанесол тешки телесни повреди. Според јавниот обвинител Стевчо Биноски осомничениот А.Ј. со пиштолот влегол во Центарот и се упатил кон канцеларијата на М.Ѓ. откако не ја пронашол таму започна да се шета низ Установата и кога ја здогледал пукал кон неа. За среќа социјалната работничка е само повредена со влезно – излезна рана над стомакот. Веднаш е хоспитализирана во општата болница во Прилеп. Додека А.Ј. е упасен и приведен во ПС Прилеп.

„Примена е во шок соба. После направените испитувања КТМ на граден кош и абдомен, утврдено е дека нема повреда на бели дробови, нема повреда на абдомен, ниту на ребра, раната е подкожна, пациентката е примена за понатамошни иследувања“, изјави Кире Јоноски, директор на општа болница Прилеп.

Обвинителот Биноски соопшти дека А.Ј. е лице кое пред 4 дена избегало од Психијатриската болница во Демир Хисар осудено таму на казна од 1 година и 3 месеци лекување токму за предмет кој што се водел со сега повредената М.Ѓ. Неколку години наназад истиот и се заканувал, ја следел и демнел сега повредената за што и бил осуден со лекување во Психијатриската болница. М.Ѓ. како социјален работник била вклучена во дел од бракоразводната постапка со неговата поранешна сопруга. Истиот е осуден и со казна затвор која се уште не била правосилна поради што процесот бил на Апелација во Битола.

„Од страна на полициски службеници од ОВР Прилеп било излезено на лице место при што бил лишен од слобода А.Ј. 50 години од Прилеп кај кого се пронајдени огнено оружје пиштол и нож. Се преземаат мерки за расчистување на настанот“, истакна Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Во моментов осомничениот се наоѓа во полицискатаб станица во Прилеп, по што треба да биде изведен пред судија на претходна постапка. Од обвинителството велат дека се преземаат сите истражни мерки за расчистување на случајот.