Македонија
24. March 2025 - 16:41

Сите училишта и градинки се безбедни, ќе се прават контроли и на сите станбени згради

Сите градинки и уличишта се безбедни, кажа првиот човек на ЗЕЛС по направените вонредни инспекции. Во повеќе кафулиња и кафеани биле откриени недостатоци за летните тераси и како што рече Ѓорѓиевски, ќе им се даде време од месец дена угостителите да ги отстранат неправилностите.

„Сите училишта, градинки, јавни установи, културни домови, спортски сали, односно секаде каде што најпрво се згрижуваат, се собираат на настани нашите најмлади, нашите деца, се безбедни. Да бидат спокојни граѓаните околу тој дел“ – Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС

Од Министерството за образование и наука известија дека „во рамки на своите надлежности Државниот просветен инспекторат ќе проверува дали училишните објекти се осигурани“.

Ѓорѓиевски вели дека инспекциите нема да завршат тука. Препорача да се направат строги контроли и на сите станбени згради.

„Имаме случаи каде што цревата за хидранти се продаваат, каде што биле украдени. Секој треба да си одговара. Не требаше да дозволиме да се случи пожарот во Кочани за да утврдиме дека во зградата каде што живеат 400 станари 30 години нема хидрант. Тоа не е одговорност и надлежност на општината“ – Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС

Во меѓувреме, на терен постојано се и пазарните инспектори. Направени се вкупно 116 вонредни контроли. Привремена забрана за работа добија 10 објекти.

Митева најави дека пазарниот инспекторат во координација со МВР овие денови започнуваат со инспекциски надзори во објектите за организирање прослави.

Антикорупциската комисија, пак, почна да проверува закони за да види дали има ризик од корупција кога се издаваат дозволи и лиценци за работа, особено за угостителски објекти.

„Антикорупциската проверка на законите како процес подразбира целосна и систематска проценка на правните прописи за да се идентификуваат можности за злоупотреба, конфликт на интереси, нејаснотии и празнини во законите кои би можеле да поттикнат коруптивни практики“, велат од ДКСК.