Македонија
3. August 2025 - 16:26

Училиштата ќе се финансираат според реалниот трошок за образование на еден ученик

Основните и средни училишта ќе се финансираат по нова методологија, која ќе обезбеди еднакви услови за сите ученици, независно каде живеат.

Владата ги усвои новите формули според кои од следната година, пресметките за тоа кое училиште колку пари ќе добие ќе се прават според точно утврдени критериуми за тоа колку чини трошокот за образование на еден ученик.

-Имаме еден систем кој за жал години наназад не беше фокусиран на децата и учениците, туку на тоа како ќе ги покриеме трошоците за оние кои ги даваат услугите во основното образование. Секое училиште ќе треба да добие толку пари колку што навистина му следуваат. И наместо да имаме состојба каде што 90-98% од блок дотациите, односно парите кои државата ги дава на општините да одат само за плати, а потоа училиштата да немаат како да исплатат за комуналии, за дополнителна настава... сакаме со ваков начин, да дојдеме до училишта кои што ќе можат да се финансираат и да обезбедат еднакви услови за секој ученик, вели Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ.

Креаторите на овие формули велат дека со оптимизирани трошоци училиштата ќе станат самоодржливи, а родителите повеќе нема да треба да купуваат основни материјали за непречена настава како досега.

-Тоа што е поразлично од денешниот е систем, е ако денеска блок дотациите растеа само тогаш кога растеа платите и при тоа дури и ако имавме некој простор во кој се покриваа одредени активности надвор од платите, со покачувањето на платите, самото покачување ги јаде овие трошоци, односно снемува пари за наставни помагала, дитактички средства, дополнителна обука и тренинг. Оваа формула прави систем според кој ако растат платите ќе растат и овие трошоци, вели Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ.

Двете формули, Здружението за истражување и анализи изминатите години ги креираше заедно со МОН, Светска банка и УНИЦЕФ.