Со булдожери се чисти ѓубрето низ Скопје, Комунална хигиена се прави дека не ги гледа
Со булдожери се чисти ѓубрето низ скопските улици и тротоари. Општините меѓусебно си позајмуваат механизација, а помагаат и општествено одговорни компании. Исцедокот од насобраниот отпад останува и од него се шири неподнослива смрдеа.
Помал дел од контејнерите по булеварите се испразнети, но во споредните улици и натаму стојат цели депонии. Купишта вреќи и ќеси со секакво ѓубре има и во строгиот центар, Аеродром, Кисела Вода...
Граѓаните се сериозно загрижени.
„Глувци шетаат навечер, веруваш или не? Стаорци, како во Центар детенцето што е каснато, ете и тука ги има“
„Никогаш не било вака. Ова е невидена работа. Овде не сум видел кој собира, треба сите да собираат, ама прво Комунална хигиена“
„Ова е многу лошо. Миризбата, што седиме тука, заразни болести, не е во ред. И од нас луѓето и од државата што дозволува да се прави ваква нечистотија“
Иако обврската за собирање и транспорт на отпадот и припаѓа исклучиво на Комунална хигиена, од претпријатието испратија соопштение во кое велат дека не виделе оти општините си чистат сами.
„ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на денешниот ден не забележа дека е подигнат отпад од страна на општинските комунални претпријатија во ниту една скопска општина. Се прашуваме дали навистина и на кои локации се одвиваат овие активности?“
Нејасно е како само Комунална хигиена не ја гледа механизацијата што не е нивна, а секој ден ја работи нивната работа.
Од управниот одбор на претпријатието тврдат дека се изгласани сите планови и програми, а реализацијата е обврска на директорите. Пред 10-ина дена го задолжиле директорот Рустеми да изврши сервис на возилата и да побара помош од останатите претпријатија, но од него немало никаква реакција. Неколку пати се обратиле и до Арсовска.
„Повеќепати досега испраќавме и дописи до Градоначалничката каде што ја изразувавме својата огромна загриженост и алармиравме дека е неопходно ИТНО да се пристапи кон решавање на проблемот со неповолната финансиска состојба на Претпријатието и намалениот капацитет на собирањето и транспортот на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје, а година побаравме и разрешување на в.д.директорот Сабахадин Рустеми. Од страна на градоначалничката Арсова освен навредливи обраќања кон Управниот одбор немаше ниту едно конкретно преземено дејствие со цел решавање на проблемите“, стои во известувањето.
Во меѓувреме, ѓубрето стана фокус и на изборната кампања за вториот круг.
Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ најави европски модел за преработка на отпадот.
„Откако ќе се исчисти ѓубрето, сметаме дека постојат иновативни, научни методи, кои веќе се користат во некои градови во Европа. Ние имаме стапено со некои странски експерти кои работеле со оваа технологија и има можност во Град Скопје да се донесе технологија за преработка на комуналниот отпад во смеса која потоа служи за вадење на деривати на гориво“ – Амар Меџиновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје (Левица)
Градоначалникот на Центар и кандидат за втор мандат од СДСМ, Горан Герасимовски, на средба со директорите на основните училишта и градинките договориле викендот да се спроведе повторна дератизација во сите воспитно-образовни установи. По изборите, предвидени се и дезинфекција и дезинсекција.
„Ова што денеска го договоривме се реализира согласно усвоените кризни мерки на Општина Центар за справување со потенцијални епидемии, заразни болести и појава на глодари опасни по здравјето, а во рамки на актуелната состојба со сметот“, посочи Герасимовски.
МВР во вторникот доби задолжение заедно со сите надлежни инспекторати да го истражат работењето на Комунална и градоначалникот на Скопје.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
