Преглед на вестите од светот
65 годишен маж утрово е уапсен во Будва откако претходно со пиштол ги убил својот брат и неговиот син. Како што јавуваат црногорските медиуми, убиството следело по вчерашна расправија меѓу браќата, кои со години се занимавале со превоз на туристи со бродови. На инцидентот сведочел и вториот син на сега убиениот но тој успеал да побегне.
По убиството, 65 годишниот маж мирно седнал во блиското кафуле и ја чекал полицијата да пристигне. Поради двојното убиство градоначлникот на Будва го прогласи вторник за ден на жалост.
Две лица се полесно повредени во силна експлозија што ноќеска одекнала пред станбена зграда во Солун.
Според првичните информации, детонацијата била предизвикана од експлозивен механизам поставен и активиран од засега непознати сторители. Од експлозијата е причинета значителна материјална штета. Грчката полиција спроведува истрага
Најмалку 18 лица загинаа, а 24 се повредени во тешка несреќа со превртување на автобус во планинскиот регион на Андите, во централниот дел на Перу.
Несреќата се случила вчера во вечерните часови. Преживеаните тврдат дека автобусот имал механички проблеми
Американскиот претседател Доналд Трамп престојува во Шкотска во својот голф-имот во Торнбери, каде што утре ќе има клучна средба со Европската комесарка Урсула фон дер Лајен, со надеж дека ќе го финализираат долгоочекуваниот трговски договор меѓу Европската унија и САД непосредно пред истекот на рокот на 1 август, кога стапува на сила опасноста од нови високи царини.
Последните месеци се водат интензивни преговори меѓу Брисел и Вашингтон, но без конкретен резултат. Проблемот кулминираше откако Трамп најави 30% царина на повеќето индустриски производи од ЕУ, што сериозно ги загрозува европската автомобилска, челичната и фармацевтска индустрија. Брисел е на ставот дека се подготвени да воведат возвратни мерки на американски производи ако не се постигне договор.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар