Преглед на вестите од светот
Во Истанбул се одржа третата рунда преговори меѓу делегациите на Русија и Украина, а главниот резултат е договор за продолжување на размената на војници, но и цивили, пренесе Тас.
Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин и шеф на руската делегација на преговорите, Владимир Медински, изјави дека Русија ѝ понудила на Украина размена на најмалку 1.200 воени заробеници од двете страни, како и Киев да го разгледа прашањето за кратки прекини на огнот од 24 или 48 часа за да се преземат ранетите и телата на загинатите војници.
Медински додал дека санитарните екипи од двете страни се изложени на преголем ризик во „сивата зона“ на фронтот. Тој наведе дека сите хуманитарни договори од втората рунда се исполнети.
Секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и шеф на украинската делегација на преговорите, Рустем Умеров, по состанокот изјави дека Украина продолжува да инсистира на целосен и безусловен прекин на огнот како неопходна основа за ефикасна дипломатија.
Пред почетокот на преговорите, се одржа состанок само меѓу Умеров и Медински. На преговорите во палатата Чираган во Истанбул, присутни беа и турски функционери.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон ја истакнаа важноста на француско-германското партнерство во предизвикувачките глобални политички времиња.
Мерц истакна дека повеќе од половина од неговиот кабинет веќе направиле инаугуративни посети на Франција откако владата стапи на должност на почетокот на мај. Тој рече дека ќе разговараат за актуелната трговска политика, вклучително и царинскиот спор со САД, како и за прашања од надворешната и безбедносната политика.
Макрон во врска со царините нагласи дека веќе биле во постојана комуникација во последните денови за да го координираат одговорот на „царинската офанзива“ на американскиот претседател Доналд Трамп. Ова е прва посета на Макрон на Германија откако владата на Мерц стапи на должност на 6 мај.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар