Loading Video...
Свет
22. July 2025 - 12:27

Преглед на вестите од светот

Сирени се огласија во Тел Авив утрово откако израелската војска соопшти дека пресретнала ракета лансирана од Јемен. Сирените за предупредување можеа да се слушнат низ неколку области во земјата. Лансирањето од Јемен следеше по израелскиот воен напад врз цели на Хутите во јеменското пристаниште Ходеида во понеделник. Израел одговори со напади врз Хутите, кои ги контролираат најнаселените делови од Јемен, вклучувајќи го и виталното пристаниште Ходеида.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека следните мировни преговори меѓу Москва и Киев се закажани за в среда, по двата претходни состанока што се одржаа во Истанбул без многу успех.
За време на последните разговори во јуни, Русија ги повтори своите барања, вклучително и отстапување на четири региони на Украина покрај Крим, анексиран во 2014 година, како и откажување од целата западна воена помош и членството на Украина во НАТО. Украина ги отфрли тие барања, сметајќи го за ултиматум. Сепак, Кремљ изрази подготвеност да ги продолжи преговорите со Украина откако Трамп и даде на Русија 50 дена да преговара за договор или да се соочи со строги санкции и да продолжи со снабдувањето со оружје на Киев.

Сите владини канцеларии, банки и бизниси во иранската покраина Техеран и главниот град Техеран ќе бидат затворени в среда поради екстремно високите температури и потребата од заштеда на енергија. Властите објавија дека температурите во главниот град на Иран се движат над 40 степени Целзиусови и препорачаа граѓаните да останат во затворен простор во текот на најтоплиот дел од денот. Има апел до жителите да ја намалат потрошувачката на електрична енергија и вода.

Топлотен бран зафати делови од Сицилија со температури кои достигнаа над 40°C оставајќи ги жителите и туристите да се борат за сенка, хидратација и олеснување од жештината.
Во малото гратче Катенануова, кое се смета за едно од најжешките места во Италија, дигиталните термометри покажуваа високи температури. Локалните жители рекоа дека без климатизација или вентилатори, дури и ноќите се неподносливи. Екстремните температури, се дел од поширок топлотен бран што ја зафати јужна Европа, предизвикаа црвен аларм низ неколку италијански региони. Властите ги повикаа луѓето да останат во затворен простор и да ги проверуваат постарите и ранливите лица.