Loading Video...
Свет
10. јуни 2024 - 12:16

Преглед на вестите од светот

Конзервативната коалиција ГЕРБ-СДС, предводена од поранешниот премиер на Бугарија Бојко Борисов, води на шестите парламентарни избори во Бугарија во изминатите три години. Според првичните резултати, сепак останува неизвесно дали некоја партија може да состави владина коалиција.

Со 36,7 отсто преброени гласови, изутрината на 10 јуни, ГЕРБ-СДС има 23,39 отсто, далеку пред партиите кои се на второ и трето место.

Движењето за права и слободи (ДПС) е на второ место со 16,7 отсто. Оваа партија го претставува турското и муслиманското население но сега, за прв пат, е предводена од етнички Бугарин, Дељан Пеевски, кој е под санкции за корупција од страна на Соединетите Држави и Велика Британија.

Реформистичката коалиција „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), поранешен партнер на ГЕРБ во коалициската влада во заминување, беше трета со 14,75 отсто. За време на гласањето на 9 јуни, Борисов изрази сомневање дека која било партија или коалиција ќе може да формира нова влада.

САД побараа гласање во Советот за безбедност на ОН за нивната нацрт-резолуција со која се поддржува планот за „итно прекин на огнот со ослободување на заложниците“ меѓу Израел и Хамас, јавија американските медиуми. САД беа широко критикувани за блокирање на неколку претходни нацрт-резолуции на ОН кои повикуваат на прекин на борбите, воедно тие го засилија притисокот за прекин на огнот во Газа и го испраќаат највисокиот дипломат на Вашингтон Ентони Блинкен на нова турнеја во регионот. Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочи со несогласување во државата, откако лидерот на израелската опозиција Бени Ганц објави дека ја напушта владата за вонредна состојба. Ганц изјави дека ја поднесува оставката поради разликите во мислењата за иднината на Појасот Газа.  65-годишниот поранешен министер за одбрана, претходно се закани дека ќе се повлече доколку владата на Нетанјаху не успее да подготви план за повоено уредување во Појасот Газа. Поранешниот генерал Ганц беше министер без ресор по нападот на Хамас, со цел да испрати сигнал за единство. Според Министерството за здравство во Газа бројката на убиени надмина 37.000.