Loading Video...
Свет
11. November 2025 - 12:12

Преглед на вестите од светот

Најмалку десет лица загинаа, а околу 24 се повредени при експлозија на паркирано возило во близина на метро станица до познатата Црвена тврдина во индиската престолнина Њу Делхи. Експлозијата се случила во период на густ сообраќај и предизвикала пожар на неколку околни возила.

Причината за експлозијата сè уште не е позната, а полицијата започна истрага. Црвената тврдина (Лал Кила) е историски споменик од 17 век, една од најпознатите туристички атракции во Индија.

Војната не е завршена и Хамас ќе биде разоружан, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во своето обраќање пред Кнесетот. Израелскиот премиер во говорот оцени дека Израел се приближува повеќе од кога било претходно до земјите од регионот и додаде дека јавноста ќе слушне повеќе за тоа.

Тој изјави дека воениот притисок врз Хамас и операцијата на израелските одбранбени сили во Газа, заедно со дипломатскиот притисок од САД за изолирање на Хамас, им овозможиле на сите живи заложници и на огромното мнозинство од загинатите заложници да се вратат дома.

Трамп им порача на сите контролори на летање преку својата социјална мрежа Truth Social дека мора веднаш да се вратат на работа. Тој им се закани со казни на оние кои нема да го сторат тоа, а истовремено на оние кои продолжиле да работат за време на блокадата им вети дека ќе бидат наградени со бонус од 10.000 долари. Повеќе од 1.500 летови беа откажани во САД, а над 1.200 беа одложени.

Делфин, со прекар „Мимо“стана редовен посетител во водите покрај плоштадот Свети Марко во Венеција, привлекувајќи ги туристите, но предизвикувајќи загриженост за неговата безбедност поради густиот морски сообраќај. Делфините се ретки посетители во водите на Венеција иако два беа забележани во март 2021 година за време на ограничувањата поради COVID-19.

Се верува дека Мимо, влегол во лагуната кон крајот на јуни. Експертите се загрижени дека Мимо може да се повреди од пропелер на брод.Приближувањето на зимата, која вообичаено ги брка рибите, може да ја направи лагуната помалку привлечна за Мимо и да го охрабри да се врати на отворено море, рече Мизан, додавајќи дека нема начин да се присили да се оддалечи.