Македонија
22. September 2023 - 16:34

Нова варијанта на Ковид или други вирусни инфекции - Што е поприсутно во земјава?

Дали новите варијанти на коронавирусот се причина за полните амбуланти кај матичните лекари? Пациентите најчесто се жалеле на респираторни симптоми, покачена температура, малаксаност, болки во грлото...

- Бројот на пациенти периодов е драстично зголемен, најверојатно тоа е резултат на пад на имунитетот. Летниот период карактеристично беше да доминираат стомачните вируси, но имаме голем број на пациенти со респираторна симптоматологија што не било случај години наназад, изјави д-р Бојан Трајковски, матичен лекар.

Иако периодов многу граѓани се со респираторни симптоми нема статистика за изминатите три недели дали се од Ковид или од други вирусни инфекции. Според последните податоци од ИЈЗ во август имало 112 Ковид позитивни, а во јули 23.

Поради малиот број тестирања не е направено секвенционирање која варијанта циркулира во земјава. 

Од Комисијата за заразни болести велат дека има доволно тестови во ИЈЗ, но граѓани пак на социјалните мрежи се жалат дека во повеќето аптеки немало брзи антигенски.

Препораката на КЗБ за задолжително носење маски во здравствените установи најверојатно ќе стапи на сила наредната недела доколку ја одобри Владата.