Одложено утрешното судење за „Пулс“, обвинетите не го добиле обвинението
Тензичен крај на судењето за пожарот во кочанската дискотека. Роднините на починатите на излез од судницата во Идризово, вербално ги нападнаа обвинетите и нивните адвокати.
Во судницата и денеска централна тема беше спојувањето на двете обвиненија со кое обвинителната клупа покрај 34 обвинети, сега ја дели и сопственикот на фирмата за обезбедување. Одбраната смета дека се направени значајни измени, биле повлечени огромен број на сведоци, променето било и времето на извршување на кривичните дела.
Нивните клиенти не го добиле ниту изменетото обвинение, па за денешното судење не можеле да кажат дали се чувствуваат за винови или не.
Обвинителстовото уверува дека обвинението нема измени, направeните промени ги нарекоа технички исправки. Судот пак образложи дека обвинението ќе им го испрати на обвинетите, а за да имаат доволно време да се запознаат со него и да се изјаснат за вина, утрешното судење нема да се одржи.
Постапувањето на судот и обвинителството, роднините на загинатите го сметаат за позитивно. Изненадени се од односот на адвокатите, особено што голем дел биле и нивни сограѓани.
До идниот вторник обвинетите добија рок да го прочитаат обвинението и на судењето закажано за втори декември да кажат дали чувствуваат вина за пожарот во „Пулс“.
Во случајот им се суди на 35 лица и три фирми за тешки дела против општата сигурност. Според обвинителството секој имал свој придонес за трагедијата во дискотеката која на почеток од судењето беше наречена буре барут.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
