Македонија
25. November 2025 - 16:31

Заврши истрагата за полициските службеници осомничени за пожарот во кочанската дискотека

Истрагата за полициските службеници осомничени за пожарот во дискотеката Пулс заврши. Шефот на обвинителството за гонење организиран криминал вели во следните десетина дена ќе има обвинение за нив. Осомничените се сослушани, доказите прибрани, а тече рокот на одбраната да достави свои докази и предлози.

Истрагата треба да ги покаже пропустите на полицајците и началниците од 2012та година се до кобниот ден кога изгоре дискотеката.

Под истрага беа 27 полициски службеници, од кои еден почина. Предметот го води само еден обвинител, за разлика од другиот предмет за Кочани кој беше приоритет и имаше притворски случаи во кои учествуваат 15 обвинители.

Во врска со куќните притвори пак, за двајцата инспектори на УЈП меѓу кои и братот на претседателката на Кривичниот суд, ниту државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, не добил образложение од кривичниот совет на судот во Кочани зошто не им е прифатено барањето двајцата да одат во ефективен притвор.

Иако одбраната на инспекторите ја спореше вибер комуникацијата со синот на газдата на дискотеката како доказ, Коцевски вели поседуваат и други докази. Предистрагата за нив се води уште од март.

Инспекторите од УЈП пак Драганчо Паунов и Дуле Димитриев иако се жалеа до кочанскиот суд, ќе останат во куќен притвор, откако судот ги одби нивните жалби.