Забраната за фрлање смет по 22 часот стапува на сила
50 евра ќе ве чини доколку инспекторите на Град Скопје вечерва ве затекнат како фрлате смет во контејнер по 22 часот. Одлуката стапува на сила денеска а ќе се воведува тросменско работење на инспекторите за поголема контрола на терен. Иако казни ќе плаќаат сите, од скопски комуналец велат дека целта се фирмите кои неретко со својот отпад ги полнат контејнерите и тоа најчесто во доцните часови.
За граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град која има и свој претставник во Советот, одлуката е небулозна. Ако имате инспектори да казнуваат за фрлање смет, зошто немате дежурни инспектори кои ќе го следат загадувањето, прашуваат тие.
Аерозагадувањето е хроничен проблем за скопјани секоја зима.
Иако температурите се уште не се многу ниски, мерните станици во некои скопски населби бележат вредности кои одат и до 4 пати над максимално пропишаните вредности.
Актуелниот градоначаланик најави дека против загадувањето ќе се бори со нови топлани и приклучоци за парно во сите скопски населби, подобрување на инфраструктурата во градскиот сообраќај и поеколошки јавен превоз. Ѓорѓиевски најави инвестиции во повеќе градско зеленило и силна контрола на потенцијалните загадувачи.
Тој вчера заедно со премиерот беше во вечерна обиколка на главниот град, каде констатираа дека градот е чист и почнува да заликува на метропола.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
