Мицкоски: За реконструкција уште не е разговарано меѓу партиите
ВМРО-ДПМНЕ и Вреди седнуваат на маса наредната недела, но не за нова распределба на ресори во Владата туку за да одредат владини повереници што ќе раководат со четирите општини во кои локалните избори целосно ќе се повторат. Како што потврди Мицкоски се чека извештајот на ДИК дека во Гостивар, Центар Жупа, Врапчиште и Маврово-Ростуше немаше доволна излезност на 19 октомври и не се избраа градоначалници.
Сепак, Мицкоски потврдува дека локалните избори по партиските конгреси и анализи, веројатно ќе отворат и разговори меѓу владините коалициски партнери за кадровски смени во неговиот кабинет. Мицкоски останува на ставот дека Беким Сали има добар кадровски потенцијал за вицепремиерското место на Меџити кој заминува во Чаир, но вели дека други преговори за структурни промени немало.
Реконструкцијата на Владата стана тема откако од Вреди по локалните избори отворено изјавија очекувања дека ќе добијат и два нови министри – односно еден вицепремиер и еден министер за животна средина. Дополнително, најавуваа дури и реконструкција.
Пред изборната кампања пак, самиот Мицкоски најави можни смени во Владата и збогување со владини функционери по партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 6 декември од кои не е задоволен од нивната работа.
И додека владините партнери отворено зборуваат за освежување на сопствените редови, опозицијата засега без крупни кадровски смени. Досегашните промени се скромни – Чупевска замина од раководството на СДСМ, а Блерим Беџети од ДУИ само ја отстапи фотелјата на собраниски координатор.
Веднаш по изборите самиот Филипче најави промени и најави Конгрес, но засега од СДСМ нема одговор кога би бил Конгресот и што мислат за постојаните повици на ВМРО-ДПМНЕ за реформа во партијата преку смена на лидерот.
Сличен молк за можни смени и во опозициската ДУИ.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
