Само еден глас пресуди да станат градоначалници
Колку е важен само еден глас на овие избори најдобро знаат идните градоначланици во Богданци и Старо Нагоричане. И во двете општини изборите завршија по првиот круг, а пресуди само едно гласачко ливче.
Во Старо Нагоричане, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ја однесе победата. Иако имаше речи си двојно повеќе гласови од својот најблизок противкандидат, поради двајцата независни кандидати прагот од 50% го помина со само еден глас.
Неизвесноста беше огромна бидејќи се чекаше да се преброи и последната гласачка кутија од која практично излезе и гласот кој му ги отвори вратите на канцеларијата на градоначалникот.
Иста таква ситуација, но сега во корист на кандидатот на СДСМ имавме и во Богданци.
Блаже Шапов имаше стабилно водство пред неговиот противкандидат но поради големиот број на неважечки ливчиња, прагот од половина од гласовите го помина за само 1 глас.
Тесната разлика во гласови не е ништо ново за малите општини кои имаат мал број на гласачи, па така во Зрновци за новиот градоначалник ќе почекаме втор круг бидејќи на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ му фалеа 17 гласа. Во Кривогаштани за победа пресудија само 20 гласа.
105 гласа над 50% отиде и новиот градоначлник на Крива Паланка што во општина со преку 16.500 гласачи и на оваа излезност беше помалку од 1%, а уште потесно помина старо новиот градоначалник на Битола кој во општина со близу 80.000 гласачи победи во првиот круг поминувајќи 50% со околу 200 гласа во услови кога имаше дури 7 противкандидати.
Најголемиот проблем во ваквите ситуации го прават неважечките гласови. А нив на овие избори ги имаше најмногу во историјата. Близу 54.000 гласачки ливчиња се прогласени за неважечки, над 15.000 повеќе од локалните избори во 2021.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар