Камиони, пари, станови и земјиште – замрзнат e имот на бизнисменот Марковски осомничен за злоупотреби во РЕК „Битола“
Камиони, пари, станови и земјиште-српските власти замрзнаа имот поврзан со македонскиот бизнисмен Борче Марковски, осомничен за злоупотреби тешки 1,7 милиони евра во РЕК Битола. Според информациите, замрзнат е имот на фирма со седиште во Белград, за која е утврдено дека има врска со Марковски.
Станува збор за десет товарни и приклучни возила набавени во 2025 година, за кои постои сомневање дека се купени со пари стекнати преку кривични дела.
Од српските органи беше побарано да забранат на правното лице од Белград, на неговиот управител или на друго лице во нивно име да ги отуѓува, оптоварува или да располага со моторните возила за кои постои сомнение дека се набавени и претставуваат посредна имотна корист од кривичните дела за кои е отворена истрага, соопштија од Обвинителството.
Обвинителите побарале да се отвори и сеф во српска банка, за кој се верува дека е во сопственост на Марковски, за да се провери неговата содржина. Српското обвинителство го прифатило барањето и издало наредби за замрзнување на наведениот имот.
Паралелно, во земјава се замрзнати и околу 30 милиони денари од сметките на Марковски и неговата фирма. ОЈО Битола побарало и забрана за располагање со дополнителен движен и недвижен имот, три стана во Скопје, парцела градежно земјиште, гаража и неколку возила купени во изминатите две години.
Обвинителството смета дека станува збор за имот стекнат од незаконски активности, кој може да биде предмет на конфискација.
Фирмата „Марковски компани“, нејзиниот сопственик Борче Марковски и уште едно лице од компанијата се осомничени дека наплатиле повеќе од 1,7 милиони евра од РЕК Битола за работи кои воопшто не биле извршени. Со тоа, според обвинителството, сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство.
Покрај нив, осомничени се и петмина вработени во РЕК „Битола“, меѓу кои и поранешниот директор Пеце Матевски, кои, според сомневањата, овозможиле фирмата да биде единствен понудувач и да добие договор вреден милиони.
Марковски првично беше во куќен притвор, но по жалба на Обвинителството, Судот му одреди 30-дневен ефективен притвор.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар