18 повредени од трагедијата се уште на болничко лекување - По 43 години, најави за реновирање на кочанската болница
Тим од специјалисти од скопските клиники ќе ја утврдува состојбата на сите кои беа повредени во трагедијата во Кочани. Од утре па до крајот на неделата во кочанската болница докторите ќе прават поединечна евалуација на оние кои биле хоспитализирани во странство но и лицата што беа лекувани во македонските болници по што ќе знаат дали некој има дополнителна потреба од рехабилитација или ортопедски помагала.
- Ќе го поканиме и тимот од Израел што беше и на почетокот по трагедијата да даде свое мислење за понатамошниот третман на повредените. И да потсетам, согласно протоколот треба да се вратат во болницата од каде што биле испратени на лекување во странство, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.
На физикална терапија во болницата во Кочани одат 40 од повредените и засега не се знае колку ќе трае тој процес. Но оваа установа беше заборавена од властите и по оваа трагедија излегоа на површина немањето на медицински персонал, опрема и фактот дека со децении никој не мрднал со прст за инфраструктурниот изглед.
- Секако дека ни е во план да се изврши реконструкција не само на таа болница туку и на повеќе други болници затоа што во изминатиот период ниедна здравствена установа не била чепната, не само во поглед на инфраструктура туку и кадар. Моментално, тоа што фали во кочанската болница се надополнува со кадар од клинички и Козле, вели Јовица Андовски, заменик министер за здравство.
И после два месеци од трагедијата, 18 пациенти се уште се на болнички третман од кои 11 се во странство. Според лекарите тие имале посериозни повреди и ќе треба подолго време за нивно закрепнување.
- Пластична хирургија кај тие што веќе се заздравени правиме и ПРП методи кај тие делови што се заздравени што има млада нежна кожа побрзо да заздрави и да немаат поголеми лузни, вели д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, директор на Клиника за пластична хирургија.
Во трагедијата на 16 март, 62 лица ги загубија животите а околу 200 беа повредени од кои 115 беа испратени на лекување во странство.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар