Европската комисија предвидува раст на македонската економија за 3% во 2025 година
3% раст на македонската економија годинава, предвидува Европската комисија во својата пролетна прогноза. Како двигатели се наведени изградбата на инфраструктурни проекти и зголемената потрошувачка на граѓаните поради повисоките плати и намалената инфлација.
„Се предвидува инфлацијата да остане над 2% во 2025 и 2026 година, со можен притисок врз домашните цени поради раст на платите и кредитирањето“.
Лани инфлацијата се намалила на просечно 3.5%, благодарение на добрата политика на Народната банка и намалените цени од увоз. Но, според ЕК, од септември повторно почнала да расте, главно поради прекинот на контролните мерки за цените на основните производи. Иако невработеноста паѓа, сепак и работната сила се намалува, пишува во извештајот. Платите, пак, пораснале побрзо од продуктивноста.
„Се очекува реалните плати повторно да пораснат во 2025 година, главно поради продолжување на спроведувањето на Колективниот договор од 2023 година за јавниот сектор и дополнително зголемување на минималната плата во март 2025 година“.
Очекувањата се дека буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува оваа и следната година, но според ЕК, средувањето на државната каса ќе остане бавно.
„Не се предвидени мерки за зголемување на приходите, а плановите за дополнителни приходи преку формализирање на неформалната економија и подобрување на даночната администрација остануваат нејасни“.
ЕК предупредува дека најголеми ризици за економијата се послабата домашна побарувачка и забавениот раст на вработеноста, поради растот на платите. Исто така, се укажува дека проектите за Коридорите 8 и 10д би можеле да се соочат со проблеми при реализација, доколку не се подобри управувањето со јавните инвестиции.
Од друга страна, според пролетната прогноза, реформите од Планот за раст на ЕУ, би можеле да го подобрат економскиот развој и продуктивноста.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар