Македонија
19. May 2025 - 16:39

Изградба на нова пруга и реконструкција на постоечката долж Коридорот 10 за постигнување на планираната брзина

Коридорот 10 станува приоритет број 1 за инвестирање на британските шест милијарди евра од Стратешкото партнерство. По 30 години девастирање на македонската железница, сега државата сака повторно Македонија да ја впише на европската железничка мапа. Првиот човек на Железници инфраструктура вели дека на трасата од Табановце кон Богородица ќе има две пруги. Прво ќе се гради нова, а потоа ќе се реконструира постоечката за да се постигнат планираните 160 километри на час за патничкиот и 120 километри на час за карго транспортот.

- И за двете пруги ќе се трудиме секаде кадешто има кривини согласно можностите максимално да се исправат за да се намали должината на пругата. Од голема важност е што при целата градежна активност ќе биде оопфатена и изградбата на пругата со која ќе се поврзе железничката станица од Скопје со Аеродромот во Петровец. 

Планот на државата е целиот зафат да биде проектиран и изграден од ист изведувач. Како што кажа директорот на Железници Инфраструктура, ќе бидат користени современи системи за сигнализација и контрола на сообраќајот, според европските стандарди, а ќе биде намален бројот на премините за да се избегнат можни несреќи.

Според сегашните најави на есен ќе почнат подготвителните работи, а некаде од крајот на годината до идната пролет да почнат и работите на терен. Целиот проект се очекува да биде готов за пет години.

Паралалено, надлежните најавуваат и реконструкција на централната железничка станица.

- При целосна модернизација и изградба на нова брза пруга логично и следсвено е да се помисли за главната железничка станица. Ве информирам дека ЈП Железнички Инфраструктура во овој момент целосно разработува проект за целосна реконструкција и модернизација на централната Железничка станица во Скопје и паралелно со изградбата на новата пруга ќе се одвива и овој процес на реконструкција на железничката станица, вели Ивановски. 

Прашан за плановите за Коридорот 8 Ивановски вели дека желбата за поврзување со Бугарија постои на двете страни, но нема соодветен бугарски одговор во делот на работа на терен. За поврзувањето со Албанија се чека насоката од УНЕСКО за делот кај Охридското Езеро, но во моментот фокусот на Тирана е поврзување со Црна Гора, така што основен проект за тој дел би имало за најмалку пет години отсега.