Преглед на вестите од светот
Студенти од универзитетите во Белград и Нови Сад синоќа организираа блокади на Радио Телевизија Србија и Радио Телевизија Војводина, незадоволни од известувањето на двата јавни сервиси за студентските протести и општествено-политичката криза во земјата, а во исто време најавија протести „до следно известување“.
Поради оваа блокада, телевизијата Нова С, чии простории се и во рамките на комплексот РТС во Кошутњак, не може да ја емитува утринската програма „Пробуди се“ бидејќи на новинарите не им е дозволен влез во просториите, соопшти телевизијата.
Блокадите почнаа синоќа во 22 часот, кога студентите преку социјалните мрежи повикаа на протест, додека, како што велат, „да се распише нов конкурс за Регулаторното тело за Електронски медиуми или додека не се исклучи РТС".
Раководството на РТС бара од студентите да се прекине блокадата на објектите на јавниот сервис и сметаат дека „единствената причина за оваа акција е намерата да се затвори РТС“.
„Блокирањето објекти и спречувањето на вработените во јавниот сервис да ја вршат работата за која се законски одговорни претставува неприфатлив притисок врз медиумите на кои граѓаните со години им даваат најголема доверба“, објави РТС.
Деблокиран е главниот влез на државните телевизии РТВ и РТС со брза и одлучна акција на српската полиција, без употреба на сила, јавуваат српските медиуми.
Бројот на загинати од минатонеделното уривање на покривот на ноќниот клуб во главниот град на Доминиканската Република се искачи на 231, соопшти министерот за внатрешни работи и полиција, додека семејствата на жртвите почнаа да поднесуваат тужби против сопственикот на ноќниот клуб.
Локалните власти, ги прекинаа традиционалните велигденски активности што се одржуваат на јавните плоштади и паркови.
Локалните медиуми и сајтовите за продажба на билети соопштија дека клубот можел да прими од 700 до 1.000 луѓе, иако нема официјална потврда колку биле присутни во моментот на катастрофата.
Властите започнаа истрага за да се утврдат причините за колапсот. Форензичката истрага ќе трае околу три месеци пред да се постигне официјален заклучок
Во украински напад со беспилотно летало во текот на ноќта загина 85-годишна жена, повредени се девет лица и запалени неколку згради во рускиот град, во близина на границата со Украина, соопштија денеска локалните власти.
Во нападот со дрон е оштетена повеќекатна станбена зграда, а неколку станови се запалиле, изјави вршителот на должноста градоначалник на Курск Сергеј Котљаров на Телеграма. Жителите се евакуирани во блиското училиште, додаде тој.
Украинските војници, кои неодамна извршија упад преку границата во регионот Курск, каде што се наоѓа истоимениот град, сè уште држат одредени делови од територијата, иако руските сили вратија дел од загубените позиции.
Нападот на Курск доаѓа по рускиот ракетен и воздушен напад врз украинскиот град Суми за време на викендот, во кој загинаа 35 лица, најмалку 119 беа повредени.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар