Судење за модуларната болница - изградбата по спецификација, роднините примиле обештетување од болницата
На 22 април ќе продолжи судењето во повторената постапка за пожарот во Модуларната болница во Тетово во кој обвинети се директорите Флорин Бесими и Артан Етеми, како и ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, како правно лице, за „тешки дела против општата сигурност“. Во последните десет дена се одржаа две рочишта. На првото рочиште искази даваа сите вештаци и стручни лица од неколку факултети.
Професорката Анита Грозданова од Технолошко-металуршкиот факултет која ги испитувала материјалите од кои е составена Модуларната болница изјави дека материјалите за изработка на префабрикуваниот контејнер ги задоволуваат барањата според спецификацијата на Министерството за здравство и истите се анализирани според процедури за соодветни својства.
Од Технолошко-металуршкиот факултет, сведочеше и Свето Цветковски, кој ги испитувал металите кои се користени при изведба на привремените објекти познати како модуларни болници. И тој потврди дека металните материјали се според спецификацијата наложена од Министерството за здравство.
Рубин Бошковски од Министерството за внатрешени работи кој изврши форензичко испитување истакна дека при вештиот наод утврдиле настанување на механичко оштетување на продолжителниот кабел поради нагмечувања или превиткување, на кој бил приклучен дефибрилатор.
–Високата температура довела до согорување на изолацијата од кабелот и создавање на пламен, посочи Бошковски.
На прашање дали при увидот биле забележани противпожарни апарати, Бошковски рече дека не биле евидентирани во самата болница.
Универзитетските професори Влатко Стоилков и Владимир Димчев од Факултетот за електротехника и информациски технологии при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, изработиле вешт наод и мислење во писмена форма и изјавија дека модуларните болници биле изградени според проектната задача согласно барањата на договорниот орган, односно министерството.
Судски вештак по електротехника Ирфан Шаќири пред судот образложи дека по наредба на јавно обвинителство извршил вешт наод за можните индиции за појава на пожар во објектот на Модуларната болница за првото судење и останува на фактите изнесени во тој извештај.
При поставените прашања од обвинителството тој рече дека целокупната постапка за доведување на електрична енергија од трафостаница до модифицираниот објект наречен Модуларна болница е направен од две неквалификувани лица, вработени во клиничка болница.
По сослушувањето на вештите лица одбраната побара да се сослушаат и вештите лица од Германија кои имаат изработен извештај. Судијата Реџеп Муса истакна дека според насоките на повисокиот Апелациски суд предлогот на одбраната се одбива бидејќи постојат доволно докази за околности на настанот.
На вчерашното рочиште адвокатот на Клиничка болница Тетово наведе дека болницата исплатила обештетувања по околу 10 илјади евра на семејствата, на што еден од присутните роднини гласно бараше таа информација да не се споделува јавно.