Неизвесен стартот и површините кои треба да бидат посеани со ориз
Неизвесен е стартот на овогодинашната сеидба на ориз и колку од површините ќе бидат посеани. Причина е недостатокот од вода за наводнување во браната „Калиманци“, што може да доведе до рестрикција на околу 1500 ха под ориз. Оризопроизводителите сметаат дека треба да им се дозволи да ги наводнат провршини со протечни води од реките, а водата од ХС „Брегалница“ да се користи како дополна.
-Доколу во текот на летото нема доволно вода, да има дотур од каналите, мрежата на хидросостемот, која вода црпи од браната, а сега да ги искористиме проточните води за да ги насеме раните сорти. Времето одминува, за 10 – 15 денови треба да започне сеидбата, а никој не кажува што ќе се сее, а што нема, изјави Ное Стоименов, оризопроизводител.
Жално е, велат оризарите, ориз да се сее на ридските терени, а да се остават површините во котлината каде поминуваат две реки и каде површините се подготвени за сеидба и трошоците се направени.
-Нашето главно барање овде што сме производители и од селата Мојанци, Горни Подлог, Грдовци и Оризари, да овие површини бидат засадени. Ние не користиме вода од ХС „Брегалница“, туку исклучително ја користиме водата од р. Брегланица и Оризарска река, изјави Илија Данов, оризопроизводител.
Во моментот во брана „Калиманци“ има близу 70 милиони метри кубни вода, или околу 57 % од вкупниот капацитет. За успешна наводнителна сезона потребни се 90 милиони метри кубни акумулирана вода.
-Имајќи во предвид дека пред 20-тина денови состојбата беше катастрофална, со само 48 милиони кубни метри и доток на вода од 1,7 кубика, да се надеваме дека во следниот период ќе имаме дополнителни количини на вода и планот ќе го исполниме 100%. Доколку треба да се кратат 1500 ха, ќе ги скратиме секаде рамномерно, изјави Горанчо Зашов, директор на АД „Водостопанство“- ХС „Брегалница“- Кочани.
Кои површини и дали ќе останат непосеани ќе се знае до крајот на месецот, кога и официјално треба да започне наводнителната сезона.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар