Македонија
13. April 2025 - 16:34

Со 2,1 милион денари ќе зацврстува иконостасот во црквата Свето Благовештение во Прилеп

Министерството за култура годинава издвои два милиони и 100.000 денари со кои што ќе се прави конструктивно консолидирање и зацврстување на иконостасот во црквата Свето Благовештение во Прилеп како и конзервација на уникатната резба.

Ова се најголеми средстства досега издвоени за овој иконостас откако се започнати работите за негова конзервација и реставрација во 2020 година.

„Значи на делови на иконостасот каде има обелување ќе има тонирање и на отпаднати делови кои во текот на изминатите години се собирани кај свештениците од Благовештение, исто и кај нас ги имаме при самото конзервирање и на нив ќе се направи конзервација, исто и на отпаднати делови кои што не се постоечки ќе се изврши реставрација и да се вметнат тие делови. Оваа година завршуваме со тој конструктивен дел“, изјави Мимоза Христоска, директор на Завод и Музеј Прилеп.

Досега од 2020 до денес во неколку наврати беа преземени активности за заштита на самото дрво и резба со импрегнирање на средства против инсекти, бактерии и негово уништување. Следна фаза ќе биде заштита на иконите на иконостасот.

„И тие се следна фаза да се конзервираат затоа што и тие се од големо значење, затоа што на нив работеле познати мајсотори зографи од овој крај. На долната партија престолните икони кои ги викаме престолни икони и на втората партија во горната зона каде се поставени на иконостасот циклусот на големи празници“, додаде Христоска.

Иконостасот е стар 180 години и е најдолг иконостас во Македонија со должина од скоро 17 метри, а висина од 6 метри. Тој е исто така е трет во Македонија според својата вредност, после иконостасите во црквата Св. Спас во Скопје и оној во Бигорскиот манастир. Го изработила тајфата на познатиот копаничар Петре Филипоски – Гарката.