Наместо да заврши, жетвата на ориз не е ниту на почеток
Врнежите од дожд ја одложија жетвата на ориз во кочанско. Комбајните стојат зашто не можат да влезат во нивите. Жетвата веќе требаше да биде завршена, но само една десетина од годинашниот род е собран во амбарите, се жалат оризопроизводителите.
- Овие временски услови се неповолни за оризопроизводителите, жетвата ниту 10% не е завршена, а 90% стои во нивите. Еден дожд и 3-4 денови нема жетва. Жетвата секогаш завршуваше до 20-ти октомври, а сега за еден месец доцниме, за еден месец снегови ќе паднат сигурно,што значи дека ќе има површини што нема да се жнеат зашто не може да се влезе, едноставно, не можеме да го извадиме оризот, изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево
Освен врнежите од дожд, проблем за доцната жетва е и касната сеидба, па дел од нивите се уште се зелени.
- Има површини од Тркање до Жиганци, мислам дека луѓето нема ни да ги донесат комбајните, зелено е, а тоа е поради доцната сеидба. Ние сеевме на 1 јуни, на 1-ви јуни ориз не се сее, кога знаеме дека „едрите“ семиња имаат вегетација од 150 денови. Но, кој ќе ја сносе одговорноста, само земјоделците, додаде Арсов
Дополнително нема ниту откуп на белото злато, па оризопроизводителите велат дека ориз се помалку ќе се призведува и ќе биде со послаб квалитет.
- Луѓето носат инцидентно, кој како ќе се снајде, ама нема цена и не откупуваат. Во моментот никој не откупува, изјави Арсов
Оризарите се во незавидна позиција и од причина што скоро половина од минатогодишната реколта им стои по амбарите.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар