Сезоната на грип почна – досега вакцинирани над 8 000 граѓани од ризичните групи
Над стотина пријавени со заболувања слични на грип во Институтот за јавно здравје. Минатата недела биле евидентирани 79 што е двојно повеќе од истиот период лани. Меѓутоа се уште лабораториски не е докажано кој тип циркулира во земјата. Пациенти со симптоми на вирусот веќе ги полнат и ординациите на матичните, од каде освен терапија дел добиваат и совет да одат на вакцинација штом им се подобри состојбата.
-Веќе имаме спорадични случаи на пациенти со грип. Повозрасни или оние кои дома чуваат деца што одат во градинка и училиште. Секако, оние со дијабет, со висок крвен притисок, ХОББ, астма, мозочен удар е препорачано да ја примат вакцината против грип, вели д-р Кирил Сливоски, матичен лекар.
Во 35 –те вакцинални пунктови во државата досега вакцина против грип примиле над 8 000 лица а на вакцинација.мк пријавени се околу 60 000 граѓани и за нив вакцините се бесплатни.
Почна и имунизацијата во домашни услови за неподвижни, постари и лица со попреченост, каде одат превентивни тимови. За тоа да биде реализирано сезонската вакцинација треба да биде најавена телефонски во установите каде граѓаните примаат вакцини.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, како што се: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар