Пробацијата како замена за затворските казни
Управата за извршување на санкции предлага почеста примена на пробацијата или алтернатива на затворот. Во моментов, такво право имале над 700 лица, но за да продолжат тие да ја издржуваат казната надвор од затворите и под засилен надзор, одлука, треба да донесе судот.
„Не велам дека сите, но, најголем дел од тие осудени лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, претходно со препорака од секторот за ресоцијализација во затворите и од директорите на затворите“, изјави Александар Пандов, Директор на Управа за извршување на санкции.
Напуштањето на затворската ќелија, според надлежните не значи слобода за лицата кои добиле условен отпуст. Нивното однесување го следат пробациски служебеници, им прават надзор и советување.
„Казната мора да биде проследена со рехабилитиација со цел тоа лице да не ни доаѓа повторно во судир со законот. И, условниот отпуст не значи некаква милост или добра воља на судот или Управата, тоа е законска можност која им следува на осудените лица“, изјави Александар Камбовски, Претседател на Судски совет.
За поголема примена на пробацијата како алтернатива на затворските казни, денеска на заеднички состанок разговараа судиите, преставници на управата за извршување на санкции, судскиот совет и академијата за судии и јавни обвинители.
„Тоа се всушност и препораките на Советот на Европа, изрекување на вонинституционални казни наместо казната затвор. Ние сме тука да им даде поддршка на судовите и судиите кои ги работат овие алтернативни мерки и санкции“, изјави Ирина Трајкоска Стрезоски, Дир. на Академија за судии и јавни обвинители.
Со пробацијата моментално опфатени се околу 900 лица, а мерката најчесто ја применува Кривичниот суд. Сепак, дел од нив морале да се вратат во затвор заради непочитување на правилата за условен отпуст.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар