Македонија
2. јуни 2025 - 16:47

Наместо 10, прагот за репрезентативност на синдикатите ќе се намалува на 5 проценти

Ќе се симнува прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 на 5 проценти. Предлог измените на законот за работни односи е веќе доставен до Собранието од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ. Ќе се носи по скратена постапка. 

„Со оваа измена се врши изедначување на условите за определување на репрезентативност на синдикатите со организацијата на работодавачите и се одредува ист процент од 5%“, пишува во предлогот.

Според сегашниот закон, еден синдикат се смета за репрезентативен ако неговото членство брои 10 отсто од вработените во државата.

Премиерот Мицкоски изјави дека измената била договорена на средба со синдикатите.

„Тоа беше резултат од разговорот од последниот пат кога бевме со сите синдикати, заедно дека имаме два синдикати реално во Македонија, коишто се на терен и тие два синдиката за да нема кој е внатре, кој не е внатре, па за да нема кој има резпрезентативност, кој нема, сите да бидат во рамките на Економско-социјалниот совет и да има еден дијалог, којшто таму ќе се случува внатре. Така што тоа не е нешто коешто е некаква политичка агенда“ – Христијан Мицкоски, премиер на Македонија

Првиот човек на КСС, Ралповски, вели ова е една од препораките од меѓународната организација на трудот уште од 2023 година, а воедно и барање на помалите синдикати за да се слушне и нивниот глас.

„Не би рекол дека некој ќе добие или некој ќе изгуби. Оние што се големи синдикати ќе си сотанат репрезентативни. Тие што се помали ќе имаат можност да се борат за репрезентативност. Нема да има никаков хаос затоа што либерализацијата и плурализмот во синдикалното организирање треба да го почитуваме исто како што се почитува изборот на политичките влади во Македонија“ – Благоја Ралповски, претседател на КСС

Сител се обиде да добие коментар и од претседателот на ССМ, но тој не одговори на нашите телефонски повици и пораки.

Репрезентативноста на синдикатите истече во декември, а последната седница на економско-социјалниот совет се одржа во февруари.