Македонија
3. јуни 2025 - 16:34

13 физијатри и 8 физиотерапевти од Скопје од понеделник на работа во кочанската болница

Од понеделник лекари и медицински лица од Скопје ќе одат на работа во кочанската болница за рехабилитациски третман на поврдените од пожарот во Пулс. Од Министерството за здравство ги потпишале решенија за тимот во кој има 13 физијатри и 8 физиотерапевти од клиниката за физикална медицина и ГОБ 8-ми септември. Оваа одлука на здравствените власти доаѓа по алармот на повредените дека нема доволно услови и здравствен персонал во болницата во Кочани. 

- Денеска таму е тим лекари од Клиника за психијатрија. Во петокот пак, беа таму тим од Пластична хирургија. Прегледани беа 30 повредени, им дадоа терапија. На некои им беше кажано дополнително да дојдат за терапија во Скопје, вели Јовица Андовски, заменик министер за здравство.  

И два и пол месеци по големата трагедија се уште има повредени кои се на болнички третман. 5 од нив се во здравствените установи во земјата а 7 се уште се на лекување во странство. Имајќи во предвид дека кај дел од нив во зависност од изгорениците опоравувањето ќе трае со години, евалуацијата која се уште не е завршена ќе покаже дали уште некој треба да го продолжи третманот на скопските клиники.

- Во најкус можен рок, мислам уште утре ќе заврши евалуацијата. И во Систина има двајца што треба да бидат прегледани и остануваат оние 7 кои се уште се во странство и чие лекување е согласно протоколите на клиниките каде се на лекување, вели Андовски.

Во кочанската болница на физикална терапија одат повеќе од 40 од повредените и опоравувањето кај секој е индивидуално. Кај голем дел од лицата кои се здобија со сериозни изгореници во пожарот е направена трансплантација на кожа и за нив има посебни протоколи на третман. Мора да избегнуваат на сонце, да користат посебни креми и ракавици за заздравување на лузните. 

На 16 март во големата трагедија во Кочани животот го изгубија 62 лица а околу 200 беа повредени.