Македонија
4. јуни 2025 - 16:28

Скопје остана без приватни превозници, тврдат дека ЈСП им должи два и пол милиони евра

Скопје повторно остана без приватни превозници. Над 200 автобуси се исклучени од сообраќај, поради, како што велат, долг од речиси два и пол милиони евра. Еден од директорите, Јовица Зафировски, вели дека Градот Скопје минатата недела префрлил околу 650 илјади евра на сметката на ЈСП, но од претпријатието не им ги даваат на превозниците. 

„Не ги исплаќаат, директорот вели дека не може да ги исплати затоа што нема добиено верификувани извештаи од Градот Скопје. Се додека не ги добие верификуваните извештаи нема да ги исплати средствата. ОКЦ, тоа е диспечерскиот систем на ЈСП го изготвува месечниот извештај и го доставува на проверка на втора конторла во мониторинг. Паралелно, и двата центри го контролираат, меѓутоа мониторинг го верификува. Откако ќе го верификува, го враќа во ЈСП и тие ни го доставуваат на нас за да можеме ние да доставиме фактура за наплата на средствата“ – Јовица Зафировски, приватни превозници

Зафировски им се извини на граѓаните кои се приморани да чекаат подолго на постојките и рече дека превозниците не се виновни што не возат бидејќи веќе немаат пари за нафта, тековно сервисирање, ниту можат да поделат плати на возачите. Сепак, остануваат оптимисти дека наскоро проблемот ќе биде надминат и повторно ќе можат да се вратат на скопските улици.

„Следниот месец ќе има летни младински олимписки игри во Скопје. Ќе имаме многу странци во градот, коишто ќе имаат потреба од превоз. Јас се надевам дека ќе смогнат сили и градските власти, а пред се ЈСП за да ни ги уплатат средствата“ – Јовица Зафировски, приватни превозници

Сител се обиде да добие став од ЈСП и од Градот Скопје, но оттаму не одговорија на нашите прашања.

Во изминатите три години приватните превозници често се повлекуваат поради неисплатени средства, а ЈСП не може само да ги опслужи сите линии затоа што нема доволен број автобуси.