Тошковски: МВР издаде пасош за Јахоски по одлука на судот
Министерството за внатрешни работи му издало времен пасош на сопственикот на „Пуцко Петрол“ бидејќи тоа го овозможил судот. Министерот Тошковски вели, издавањето патна исправа за Асмир Јахоски во итна постапка е во согласност со закон. Се почитувала одлуката на судот за издавање пасош со важност од шест месеци, па МВР за половина ден ја изработило времената патна исправа.
„Мислам дека суштината на прашањето во овој случај треба да биде како е донесена одлука од судот да се врати предметната патна исправа, а не зошто МВР постапиле согласно одлука на судот. МВР не може да постапи поинаку ниту сега, ниту претходно, ниту во иднина ќе постапиме спротивно на наредба дадена од страна на јавен обвинител и на одлука донесена од страна на надлежен судија“, изјави Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи.
Барањето за издавање времен пасош, Јахоски прво го испратил до Кривичниот суд, а откако бил одбиен, се обратил до апелација. За разгледување на неговата жалба, апелационите судии побарале мислење од обвинителството. Дале зелено светло бидејќи осомничениот со имот и пари во вредност од над 2 милиони евра гарантирал дека нема да бега.
Во четвртокот второстепениот суд одобрил издавање пасош за Јахоски, а веќе следниот ден тој заминал на викенд во Турција на матурска прослава за неговиот син. Вчера, влегол на граничниот премин „Богородица“ и заминал во судот за да ја исполни обврската за редовно јавување која е дел од мерките за обезбедување во текот на истрагата.
Во меѓувреме, владејачката партија ги повика надлежните да проверат на кој начин Јахоски добил времен пасош, а побараа и разрешување на судијата кој одобрил издавање на патната исправа.
Газдата на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски е осомничен во рамки на истрагата со која се опфатени сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство. Обвинителството истражува можни злоупотреби во набавките за мазут за ТЕЦ Неготино вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар