Ќе поскапи ли струјата?
Утре ќе се знае цената по која ЕСМ ќе ја продава струјата на ЕВН Хоум. Владата на затворена седница вчера ја утврди новата сума, но која е таа ќе се знае откако ќе заврши тендерот на ЕВН. Сега повикот не е за 6 месеци, туку за цела година.
Премиерот Мицкоски не откри дали ќе има поскапување. Нагласи само дека се води грижа за стандардот на граѓаните.
„Ние се водиме да нема големи пореметувања на стандардот на граѓаните, импликација, од друга страна да продолжиме со субвенционирањето, бидејќи пазарната цена на електричната енергија е околу стотина евра во моментов, а за првпат се спроведува јавна набавка за цела година, не само за половина година. Така што во овој момент не можам да ја кажам цената. Но бидете сигурни дека водиме грижа за стандардот на граѓаните и продолжуваме и понатаму да ја субвенционираме електричната енергија за сите оние, коишто ја добиваат на регулираниот пазар, а тоа се домаќинствата“ – Христијан Мицкоски, премиер.
Колкави сметки за струја ќе плаќаат граѓаните по Нова Година најмногу зависи од цената на ЕСМ. Во моментов мегават час чини 62 евра.
Регулаторната комисија наскоро треба да донесе и нова цена за пренос и дистрибуција. Според најавите, во овие ставки ќе нема големи промени.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
