Македонија
19. јуни 2025 - 16:50

Инцидент во Советот на Општина Кочани - советникот Акиов повреди вработена

Од вербална расправија до физичка пресметка - седницата на Советот на општина Кочани беше прекината откако советникот Аки Акиов од Партијата за Демократски Просперитет на Ромите и Васе Алексов од ВМРО-ДПМНЕ влегоа во вербална расправија. Откако од говорница си разменуваа навреди, Акимов се обиде и физички да се пресмета со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ. Фрлаше столици по салата, а во обид да го нападне Алексов, советникот Акиов фрли стаклено шише и повреди вработена во општината. Таа со повреди на главата и лицето била итно пренесена во штипската општа болница на испитувања. 

Полицијата интервенирала веднаш, а во моментов се земаат и изјави од сите советници. 

- Денеска (19.06.20225) околу 13.00 часот во Полициската станица Кочани, В.А. од Кочани – советник во Совет на општина Кочани пријави дека претходно за време на одржување на седница на Советот, по претходно недоразбирање, А.А., исто така, советник во Советот на општината се обидел физички и со тврд предмет да го нападне, но бил спречен од присутните, по што фрлил шише со вода кон него, но во лице погодил вработена во општината, која била пренесена во здравствена установа за укжаување помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од МВР.

Претседателот на Советот Лазе Митев за Сител вели дека по случувањата внатре спречен бил и инцидент пред општината откако советникот Акимов повикал група граѓани да дојдат на местото во своја одбрана... 

Градоначалникот Крстевски по инцидентот обвини за опструкции и најави дека нема да дозволи партиски игри во Советот.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го осудија инцидентот во кочанскиот совет. 

- ВМРО-ДПМНЕ силно го осудува насилието кое денес го демонстрираше кочанскиот функционер на СДС. Овој советник може да се види во прегратките на Венко Филипче и на заеднички фотографии со него. Бараме СДС и Венко Филипче да се оградат од неговото однесување и истиот да си поднесе оставка од член на Советот на Кочани. Ова е срамно и дрско однесување. 

И СДСМ го осудува насилството во Советот. Се оградија од Акиов и велат не е нивен член. 

- Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро го осудува насилството што се случи на седницата на Советот на Општина Кочани...СДСМ целосно се оградува од постапките на советникот што го предизвика денешиот инцидент, потенцираме дека не станува збор за наш член туку коалициски партнер. Очекуваме надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да утврдат одговорност кај сите инволвирани.

На седницата советниците дебатираа за рушење на дивоградбите и за состојбата во Кочани по трагедијата во дискотеката „Пулс“.