Македонија
15. August 2025 - 16:35

И годинава ниеден македонски универзитет не се најде на Шангајската листа

Ниту еден македонски универзитет не се најде на годинашното академско рангирање на универзитетите во светот. На новата Шангајска листа, ниту еден од нашите универзитети не успеа да заземе место ниту во поширокото рангирање од топ 1000 универзитети. Еден од најпрестижните индикатори за квалитет во високото образование по 23пат му даде највисоко признание на Универзитетот Харвард, веднаш зад него се  „Стенфорд“, МИТ, Кембриџ и Оксфорд.

Академската фела со години укажува на фактот дека во Македонија системот на финансирање и поддршка за квалитетот во високото образование задолжително треба да се промени. 

Моделот за финансирање е познат и веќе го применуваат соседните држави кои издвоија место на Шангајската листа во топ 100 и топ 500 најдобри универзитети. Од земјите во регионот, најдобро котира Универзитетот во Белград, Србија, кој се наоѓа во групата од 401 до 500 место.

Универзитетот во Љубљана, Словенија, е меѓу 501 и 600та позиција, а истото рангирање го делат и два грчки универзитети а меѓу подолу рангираните свое место најде и универзитетот во Загреб. Во друштвото на земји од регионот без рангиран универзитет освен Макединиаја се и Бугарија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Методологијата на Шангајската листа ги рангира универзитетите според научни достигнувања и влијание. Отсуството на македонски институции на оваа листа укажува на сериозни слабости недоволно вложување во наука, слаб меѓународен углед, застарена инфраструктура и слаба глобална поврзаност.