Два критични пожари во околината на Скопје
Се уште критично на Јасен. Пожарот кој со денови беснее во ловиштето се уште им прави проблем на противпожарните служби. Распоредени се сите расположливи противпожарни возила, испратени се и припадници на специјалните единици на тешко пристапниот терен.
Најкритична е состојбата во близина на езерото Козјак кај патот кој води кон Скопје.
- Имаме силно горење кое со растот на дневните темеператури се засилува. Од горењето се создава густ чад кој е доста висок кој оневозможува непрегледност на пилотите на авионите и хеликоптерите поради што истите не можат да дејствуаат или кога би дејствувале би требало водата да ја фрлаат од многу високо. Тоа би било и многу непрецизно и многу неефективно, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Во моментот активни се вкупно три пожари. Гори кај Јегуновце и во Долнени. Иако надлежните беа убедени дека тој кај Јегуновце ќе успеат да го стават под контрола, тој повторно пламна. Поради густиот не може да се делува од воздух, а затворен е и патот кон граничниот премин Јажинце со Косово. Во текот на денот Службите успеале да ги спасат предавателите на приватни телевизии во близина на селото Јажинце.
Кај Долнени станува збор за пожар кој денеска почнал да се развива. Надлежните се надеваат дека ќе можат да го стават под контрола, но доколку не успеат, поради непристапниот терен има потенцијал да стане голем предизвик за службите.
Македонија секој ден се соочува со помеѓу 20 и 30 пожари. Ангелов вели дека сите информации со кои располагаат надлежните упатуваат на тоа дека поголемиот дел од нив се намерно подметнати. Но за тој кај Јасен е уверен дека причината е гром бидејќи започнал во реон во кој е речиси невозможно да пристапи човек.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар