Македонија
15. August 2025 - 16:35

Македонија шеста во светот по странски инвестиции според големината на економијата

Македонија е шеста од 105 земји во светот по странски инвестиции според големината на економијата, покажува најновиот извештај на специјален истражувачки оддел на „Фајненшл Тајмс“.

„Со население од помалку од 2 милиони жители и номинален БДП за 2024 година од околу 16 милијарди долари, оваа земја од Западен Балкан е пример за нација која ги надминува своите можности кога станува збор за привлекување странски директни инвестиции“, стои во извештајот на „ФДИ интелиџенс“. 

Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

„Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните. Тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане. Гринфилд инвестициите значат нови фабрики, нови капацитети, нови работни места. Свеж капитал што влегува во нашите градови и носи знаење технологија и нови можности за граѓаните. Граѓаните не очекуваат аплауз за статистика, туку чесна држава и јасни правила, подобро платени работни места и пониски трошоци, брзи дигитални услуги, континуитет во подобрувањето. Така и ќе биде“, истакна Муцунски.

Според првиот човек на ТИРЗ, ова е резултат на напорна и посветена работа, нови стратешки политики и активна промоција на државата како стабилна и предвидлива дестинација за инвестирање.

„Продолжуваме да градиме доверба кај инвеститорите, да вложуваме во инфраструктурата и човечкиот капитал, позиционирајќи ја Македонија каде секоја инвестиција носи додадена вредност“, кажа Димовски.

Oд СДСМ, пак, велат дека „Мицкоски се фали со имагинарни успеси во недостиг на реални резултати кои би го подобриле животот на македонскиот граѓанин“.

„СДСМ јавно го прашува премиерот каде се инвестициите со кои се фали? Доколку навистина постојат наредниот пат нека се потруди нека ги научи на памет и нека ги посочи со име и онака не се премногу за да ги запамети. Изјавите како четврта економија во Европа, шеста економија во свет по инвестиции се само резултат на розовите очила кои очигледно ги носи премиерот. Реалната слика е следна, Македонија е четврта во Европа, но одзади и тоа на листата на најсиромашни земји во Европа“, стои меѓудругото во соопштението на СДСМ.