Македонија
31. May 2023 - 16:31

Фон Дер Лајен објави нов план за забрзана интеграција на Западен Балкан

Претседателката на Европската Комисија претстави нова иницијатива за Западниот Балкан која треба да ги приближи земјите-кандидатки кон Брисел. Планот за раст за кој зборуваше Фон Дер Лајен во Братислава е изграден на четири столба.

Сепак, и државите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија ќе мораат да испорачаат, бидејќи според Фон дер Лајен, реформите се клучни за довербата на инвеститорите.

Премиерот Ковачевски, пак, на панел со неговиот албански колега, кажа дека Македонија дала најголема жртва за влез во европското семејство, но по промената на името НАТО испорачал, но не и Брисел.

-Ние навистина спроведовме тешки реформи и дека ЕУ, а тука доминантно мислам на Европскиот Совет, треба да имаме јасна стратегија за интеграција на Балканот. За преостанатиот дел од Балканот што не е дел од ЕУ, рече Ковачевски.

Рама, како и обично беше многу покритичен кон Брисел. Тој рече дека ниту Албанија, ниту другите држави не можат да чекаат уште години за да добијат реална поддршка од ЕУ, бидејќи како што рече, 90% од поддршката за инфраструктура и енергетика доаѓа преку заеми.

-Беше навистина многу тажно што на ЕУ мораше да и се случи војна за таа да се разбуди. Ние на Западен Балкан преку болка и преку фрустрација имаме сфатено дека ЕУ се движи многу многу полека и сфативме дека нема стратешка визија, рече Рама.

На Глобалниот безбедносен форум на ГЛОБСЕК во Братислава Ковачевски се сретна со Фон дер Лајен која го уверила дека ЕУ дава силна поддршка за постигнување политички консензус за уставните измени во корист на земјата и регионот.

Ковачевски утре патува за Молдавија на Самитот на европската политичка заедница.