Loading Video...
Свет
10. јуни 2024 - 12:16

ЕПП го задржа мнозинството во Европскиот Парламент, екстремната десница во подем

По завршувањето на изборите за европарламентот, Европската народна партија (ЕПП), која ги обединува партиите на десниот центар, социјалдемократите и либералите, го задржа мнозинството според првите привремени резултати.

ЕПП ќе има 189 пратеници, социјалдемократите 135, а либералите 80 пратеници. Тие три најголеми политички групи според привремените резултати ќе имаат 404 пратеници, додека во претходниот состав имаа 417.

- Ние сме најсилната партија, ние сме сидрото на стабилноста. Заедно со другите ќе изградиме бастион против екстремистите од лево и од десно. Ќе ги спречиме!, порача Урсула Фон дер Лајен во првото обраќање по објавувањето на резултатите. Ваквите резултати ги зголемуваат шансите на претседателката на Европската комисија, фон дер Лајен, која е „шпиценкандидатка“ на ЕПП, за реизбор на функцијата.

Новиот Европски парламент има 720 пратеници, а за избор на претседател на Комисијата потребно е супермнозинство, односно 361 претставник. Сепак, пратениците во Европскиот парламент не секогаш гласаат дисциплинирано и некои од нив гласаат против мнозинството во своите пратенички групи.

Според привремените резултати, тврдодесните партии собрани во репрезентативниот клуб на европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) ќе имаат 72 претставници, три повеќе, а екстремно десничарскиот репрезентативен клуб „Идентитет и демократија“ ќе има 58 претставници.

Зелените паднаа од 71 на 52 претставници. Екстремната левица има 36, еден мандат помалку од претходно. Групата партии кои првпат влегуваат во Европскиот парламент или за кои се уште не се знае во која група ќе припаѓаат има 52 претставници.  Според привремените резултати ќе има 46 независни претставници, а досега имаше 62.

Францускиот претседател Емануел Макрон предизвика политички земјотрес откако вчера распиша предвремени парламентарни избори по претрпен пораз на европските избори од екстремно десничарската партија на Марин Ле Пен, јавија француските медиуми.

Макрон рече дека резултатот од гласањето е тежок за неговата влада и дека не може да го игнорира. Во обраќањето до нацијата, на помалку од два месеци пред Олимписките игри во Париз, тој рече дека изборите за Долниот дом ќе се одржат на 30 јуни, а вториот круг на 7 јули.