Македонија
6. јуни 2023 - 12:22

Блокирана сметката на ЈП Исар

Блокирана сметката на ЈП „Исар“ чиј вкупен долг се искачи на 107 милиони денари. Само кон еден добавувач претпријатието должи 16 милиони денари. Ова е резултат од долгогодишното недомаќинско работење и неподмирување на сметките кон добавувачите. За излез од финансискиот колапс, на местото на пензионираните вработени, нови вработувања нема да има, зашто претпријатието со 325 работници е превработено. 

  • Ќе се направи анализа да се види која е реалната потреба од вработени во јавното претпријатие и наша стратешка цел која сакаме да ја поставиме за подолг рок од една година, е да јавното претпријатие не брои повеќе од 250 вработени. Со тоа, ќе се намали директно финансиската обврска на претпријатието кое треба да ја исплаќа по основ на плати- изјави Кирил Заков, вд директор на ЈП„Исар“-Штип.

Месечно за плати и придонеси „Исар“ издвојува по 12,5 милиони денари, а   секојдневно пристигнуваат нови барања за наплата за старите долгови. Општината како основач и сопственик на претпријатието, за враќање на ликвидноста, на вонредна седница на Советот ќе бара ребаланс на буџетот, а ќе преземе и други конкретни мерки. 

  • Да се намали бројот на членовите на управните и надзорните одбори, да се намали бројот на превработената администрација, за сметка на општите работници кои треба да бидат сервис на граѓаните. За таа цел, веќе сме подготвени да направиме нова систематизација со која ќе го намалиме бројот на вработени во администрација во рамки на претпријатието кои биле вработувани по партиски клуч, не заради потребите на претпријатието и граѓаните, туку заради политички и партиски интереси- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Јорданов го повика јавното обвинителство да постапи по извештајот од Државниот завод за ревизија, кој уште пред година и пол констатирал не наменско трошење на пари и неодговорно работење на поранешните раководства на претпријатието и локалната самоуправа, а општината секој месец плаќа по 100 000 евра за камата на кредит земен од пред 20 години.