Македонија
25. December 2025 - 10:25

Зимата ќе биде без екстремни периоди, студени бранови кон крај на декември до средина на јануари и крајот на февруари

Без долготрајни екстремни периоди, но со епизодни студени бранови ќе биде оваа зима, покажуваат најновите сезонски климатски очекувања за државава. Средната зимска температура ќе биде над повеќегодишниот просек за околу +1°C. Студени бранови со температури околу или под нормалните се очекуваат кон крајот на декември до средината на јануари, како и кон крајот на февруари, но без сигнали за долготрајни или екстремни зимски студови.

Климатскиот осврт што го изработија професорот Владо Спиридонов, редовен професор на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ, покажува дека не очекува претежно променлива зима, која ќе биде умерено топла во однос на климатскиот просек (1991-2020).

-Во пониските предели, како Скопје и Штип, се очекуваат средни зимски температури од 1–4°C (нормални вредности: Скопје 1,1–2,4°C, Штип 1,6–3,1°C), додека во планинските подрачја, како Маврово, средната температура ќе биде од 0 до –3°C (нормална вредност –2 до –0,4°C). Бројот на мразни денови ќе изнесува 30–55 во низините и 60–75 на планините, додека ледените денови ќе бидат релативно ретки во низините (5–15), но почести на планините (25–40). Студени бранови со температури околу или под нормалните се најверојатни кон крајот на декември до средината на јануари, како и кон крајот на февруари, но без сигнали за долготрајни или екстремни зимски студови, пишува во анализата изработена врз основа на сезонските прогнози на ECMWF и UKMO.

Врнежите ќе бидат регионално и временски нерамномерно распределени, при што снегот ќе биде концентриран во планинските делови, особено во западна и северна Македонија (Шар Планина, Бистра/Маврово, Баба, Јакупица). Во пониските котлини, снежната покривка ќе биде повремена и нестабилна, со чести премини меѓу дожд и снег.

-Првата половина од зимата ќе биде карактеризирана со наизменични високопритисочни гребени и нископритисочни системи, додека во втората половина се очекува помала динамика и постепен тренд на бавно опаѓање на притисокот кон крајот на март. Во стабилните антициклонални периоди, особено во котлините, ќе се создаваат услови за температурни инверзии, магла и застој на воздухот, што ќе доведе до значително влошување на квалитетот на воздухот и можни епизоди со високи концентрации на аерозагадувачки материи, особено во Скопската, Полошката и Струмичката котлина, анализираат двајцата професори.

Од хидролошки аспект, не се очекуваат драматични сценарија, но постои умерен ризик од локални поплави, особено при интензивни врнежи комбинирани со топење на снегот, најверојатно кон крајот на февруари и во март.

Промените, како што се наведува во анализата, најверојатно ќе се одразат врз енергетскиот сектор поради варијабилната побарувачка и ризикот од мраз и влажен снег, во транспортот поради снежните блокади, голомразицата, одроните на планинските превои и лавините, во здравството поради загадувањето на воздухот и во земјоделството поради ризикот од мраз и свлечишта.

-Во целина, зимата 2025–2026 ќе биде потопла од просекот, динамична и со изразени краткотрајни зимски настани, при што главните ризици произлегуваат од временската променливост, кратките интензивни врнежни епизоди, снежните бури во планините и епизодите со многу лош квалитет на воздухот во котлините. Навременото следење на ажурираните прогнози и координацијата меѓу институциите се клучни за минимизирање на потенцијалните штети, оценуваат професорите Спиридонов и Милевски.

 

МИА