Македонија
28. September 2015 - 13:14

Зголемен интересот на граѓаните за доквалификација и преквалификација

Интересот за неформалното образование, пред се во насока на доквалификација и преквалификација, континуирано се зголемува. Не само компаниите, туку и граѓаните ја препознаваат моќта на знаењето и самоиницијативно се вклучуваат во активности кои водат кон професионално усовршување и стекнување нови вештини, а тоа ги прави поконкурентни на пазарот на трудот, беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора.

Откако почна верификацијата на програмите за образование на возрасни, во 2012 година, реализирани се преку 60 обуки кои успешно ги завршиле околу 550 учесници. Најголем е интересот за економската, медицинската и угостителско-туристичката струка, како и за делот на личните услуги - фризери и козметичари. 

- Интересот на компаниите за обезбедување соодветен квалификуван кадар е значително зголемен. Компаниите веќе се вклучуваат како партнери во нашите програми за доквалификација и преквалификација со цел да си го обезбедат својот дефицитарен кадар, од соодветното занимање, Анета Трајковска од Стопанската комора.

Како што информира Ирена Милков од Центарот за образование на возрасни, Министерството за образование и наука има верифицирано 43 институции за образование на возрасните за 105 посебни програми.

- Нашето искуство покажа дека постои голема заинтересираност меѓу понудувачите на услуги за верификување на посебните програми за образование на возрасните кои водат до квалификација и досега се верификувани 133 програми, рече Милков.

Програмите кои водат до квалификации, додаде, се поделени по струки. Во делот лични услуги, Центарот има верификувано 32 програми, во угостителско-туристичката струка 16, во хемиско-технолошката шест, во шумарско-дрвопреработувачката четири, во земјоделско-ветеринарната пет, во медицинската седум, во електротехничката пет, во машинската 17, во сообраќајната пет, во градежната 15, во економската шест, во текстилно-кожарската 10 и во графичката две.

Три програми се верификувани и за обука за т.н. професионални обучувачи за возрасни, како релативно понова струка кај нас.