Македонија
6. May 2025 - 8:24

Земјава денеска ќе го преземе претседателството со ЕУСАИР и Јадранско-јонската иницијатива

На маргините на десеттиот годишен форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР) што се одржува на островот Крит во рамките на грчкото претседателство, земјава денеска на свечена церемонија и официјално ќе го преземе следното претседавање со ЕУСАИР од домаќинот Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за прво претседателство откако земјата стана дел од овие формати за регионална соработка, а нашата делегација ја предводи министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Јубилејниот десетти форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-Јонскиот регион што започна вчера е во рамките на грчкото претседателство со Макро-регионалната стратегија на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР) и со Јадранско-јонската иницијатива (АИИ), а според Министерствата за економија и финансии и за надворешни работи на Грција на годишниот форум на Крит ќе се одржи „Министерски состанок на Иницијативата со усвојување на Критската декларација; панел на надлежните министри за европските програми; церемонија на предавање на претседателството од Грција на Северна Македонија, како и прес-конференција на шефовите на двете претседателства“.

Како што соопштија вчера од Министерството за европски прашања, министерот Муртезани ќе учествува на церемонијата на примопредавање на претседателството,  на панелот на министри за фондови на ЕУ и на министерскиот состанок, како дел од пошироката агенда на Форумот посветена на зајакнување на регионалната соработка, поврзаност и интеграција во Јадранско-јонскиот регион.

Претседателството на Северна Македонија со ЕУСАИР и Јадранско-јонската иницијатива започнува на 1 јуни 2025 година и ќе трае една година.

Грчкото претседателство со ЕУСАИР започна лани и завршува на крајот на месецов.

- Целта на грчкото претседателство и Форумот е зајакнување на регионалната соработка во Јадранско-јонскиот макро-регион, промоција на европската перспектива на Западен Балкан, истакнување на улогата на социјалната кохезија, истакнување на сините вештини и справување со климатските промени во новиот ревидиран Акциски план, како и да се поврзе ЕУСАИР со идната Кохезиска политика по 2027 година, соопштија од Министерствата за економија и финансии и за надворешни работи на Грција.

Додадоа дека со десеттиот годишен форум на Крит ќе се истакне „стратешката улога на Грција како мост меѓу Европската Унија и Западен Балкан и ќе се потврди и цврстата посветеност на земјата кон зајакнување на европската кохезија, транснационалната соработка и одржливиот развој во поширокиот регион“.