Бајовски: Радиоактивниот фон на зрачење во РЕК Битола не е многу поголем од природниот
Минатата година, инспекторите од Дирекцијата за радијациона сигурност и безбедност при користење на нуклеарна енергија постојано биле на терен-спровеле инспекциски надзори кај субјекти кои користат јонизирачко зрачење во различни сектори: од стоматологија и рендген дијагностика, до радиотерапија и индустриска радиографија.
Вкупно се направени 173 контроли, а неправилности се евидентирани кај 61 правно лице. Некои од надзорите биле планирани, а други вонредни, спроведени по добиени пријави или сомнежи. Но, во услови на сè покомплексна опрема и недостиг од стручен кадар, институцијата со само 11 вработени се бори да ја одржи безбедноста во системот.
Ова регулаторно тело е единствениот надлежен орган за издавање лиценци и дозволи за работа со јонизирачко зрачење, било во стоматологија, индустриска радиографија, радиотерапија или нуклеарна медицина. Само во 2024 година се издадени 237 лиценци.
Секоја ординација, институција или фирма која користи опрема што зрачи, како рендген, PET скен или апарати за радиотерапија, мора да биде под инспекциски надзор. И покрај тоа, некои помали стоматолошки ординации не доставуваат список на вработени што ракуваат со апаратите, што претставува ризик.
За токсичната пепел што настанува со согорувањето јаглен во РЕК Битола, инспекторите утврдиле дека нивото на зрачење не е значително поголемо од природниот фонд што нормално постои во околината.
Контролите се вршат еднаш годишно, а правните субјекти добиваат рок за корекција на неправилностите. Во 2024, пломбирана е само една стоматолошка ординација .Целта за 2025 година е дигитализација, издавање на лиценци и дозволи преку онлајн платформа.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар