Македонија
15. April 2016 - 23:11

Заврши собирот на ГДОМ пред седиштето на СДСМ

Заврши собирот пред седиштето на СДСМ во Скопје што го одржаа активисти на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ).

На мирниот протест тие искажаа поддршка за институциите и за денешното распишување на  предвремените парламентарни избори на 5 јуни. Воедно ја повикаа СДСМ да излезе на избори.

Приврзаниците на ГДОМ се собраа околу 18 часот и 30 минути зад ТЦ „Рамстор“ и со пеење патриотски песни се упатија кон седиштето на опозициската СДСМ, каде протестираа и во изминатите три дена. Порачаа дека дошле на протест против, како што рекоа, обидите на претседателот на СДСМ Зоран Заев да ја растури државата.

ГДОМ е и против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на претседателот на СДСМ Зоран Заев и на Зоран Верушевски, првобвинет во случајот „Пуч“.