Затворен Факултетот за бизнис и економија: МОН утврдило низа неправилности
Министерството за образование го затвори Факултетот за бизнис и економија. По направена контрола во приватната високообразовна институција утврдени се неправилности, па поради тоа Факултетот веќе не смее да образува студенти.
ФБЕ е дислоциран комплексот кадешто држеше настава. Веб страницата на Факултетот за бизнис и економија постои, но освен насловната страна, ниту еден друг линк не е во функција. Поради тоа не може ниту да се провери кој се предавал во ова установата.
Според министерката Јаневска, Факултетот до 2022 година немал проблеми, но тие се јавиле по промена на сопственичката структура.
- МОН формира комисија и направи увид во оваа институција и откривме бројни неправилности, од кадар, од опременост. Им дадовме еден месец рок да ги поправат тие неправилности, а бидејќи тие воопшто не изреагираа, а дополнително ги изгубија и просторните можности се обративме до Агенцијата за квалитет на високо образование која исто така потврди дека овој факултет, т.н., односно висока школа, е нефункционален, вели министерката за образование Весна Јаневска.
На ФБЕ немало запишани нови студенти во академската година 2025/2026. Но имале студенти во втора и трета година.
- Факултетот сега има обврска да ја активира финансиската гаранција. Таа служи за сите негови студенти да можат да се презапишат во друга високообразовна установа. Доколку гаранцијата и парите од стечајната маса не бидат доволни, тогаш основачот одговара со својот личен имот.
Во последните 15 месеци МОН затвори 14 приватни научни институци – што поради неактивност, што поради неисполнување на условите за работа. Јаневска вели дека и во иднина под лупа ќе бидат приватните високообразовни установи со цел подигнување на квалитетот на образованието во државата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар