Македонија
24. September 2025 - 16:44

Стручна комисија го испитува случајот со смртта на седумгодишното девојче во тетовската болница

По вонредниот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, сега стручна комисија го испитува случајот со седумгодишното девојче кое во неделата почина во тетовската болница, ден по приемот. Тие треба да утврдат дали имало или не лекарски пропуст а ДСЗИ го проверувале текот на лекување од матичен до болница.

- Имаме внатре во извештајот опис на административниот дел како се лекувал пациентот. Денеска веќе, не сум сигурен дека од пат доаѓам, дали веќе стручни експерти се на терен или ќе одат утре..тоа е нашата стручна комисија, дали се на терен тоа во моментот не можам да кажам, вели Азир Алиу, министер за здравство.

Освен испитување на околностите од клинички аспект, на случајот работи и обвинителството.

- Основното јавно обвинителство Тетово издаде повеќе наредби и насоки за да се испита начинот на кој телото на починатото девојче било предадено, односно преземено од семејството. Дополнително, издадена е наредба за обезбедување на медицинска документација, а се вршат и распити на повеќе лица, ни одговорија од ЈОРМ.

Седумгодишното девојче од Челопек, во тетовската болница било хоспитализирано во саботата со болки во мускулите. За време на аспирација на секрет од усна шуплина не давало никакви реакции и го префрлиле на интензивна нега каде и починало. Од болницата велат постапувале по сите медицински протоколи, но не поставиле дијагноза. Министерот за здравство посочи дека девојчето пред за заврши во болницата во Тетово било третирано во приватна здравствена установа.